„Од денес за утре“ е насловот на новата
македонска играна серија којашто во продукција на „Идеја плус
комуникации“ и Сител телевизија ќе почне да се снима во почетокот на
мај, а премиерно ќе биде прикажана на таа телевизија во септември
годинава.
Серијата обработува тематика од секојдневниот живот на просечно семејство од средната класа составено од неколку генерации кои живет под еден
покрив. Играната серија ќе се обиде да ги прикаже од духовитата страна
на животот проблемите и предизвиците со кои се соочува семејството во
секојдневието.
Режисер на серијата е Иво Лауренчиќ, сценариото е на Братислав Димитров и Предраг Перишиќ, а музиката е на Ристо Самарџиев.
Според режисерот Лауренчиќ, целта е да се направи
квалитетна македонска хумористична серија која, како што вели, треба да
биде на европско ниво.
- Ги изанализиравме работите и видовме дека овој
жанр не е работен во последно време и решивме да пробаме да направиме
производ кој не би бил квалитетен само за Македонија, туку би ги
поминал македонските граници, односно серијата да се прикажува и во
Хрватска, Србија, Бугарија... Ова идеја е пионерски потфат бидејќи
воопшто не е лесно да се пристапи кон продукција на ТВ-серија, рече
Лауренчиќ.
Перишиќ, кој се смета за еден од врвните
комедиографи на овие простори, истакна дека досега испишал 600-ини
страници текст за вкупно 13 епизоди на серијата и верува дека вложениот
труд ќе вроди со резултат, а веќе пристапил кон пишување и на нови 13
епизоди од серијалот.
- Хуморот е универзален речник. Тој е најразбирлив
и најприфатлив секаде во светот, а семејните проблеми се слични секаде
и затоа верувам дека игранава серија ќе биде разбирлива секаде, рече
Перишиќ.
Димитров, пак, кој е исто така автор на сценариото
за ТВ-серијата, вели дека се обидел на серијата да и го даде колку што
е можно повеќе нашиот македонски колорит, имајќи предвид дека темата е
универзална и е заедничка за сите т.н. посткомунистички земји кои
минуваат низ непопуларно наречениот транзициски период.
Самарџиев, уредник во Телевизија Сител и автор на
носечката тема во ТВ-серијата, подвлече дека оваа ТВ-серија е еден од
најголемите проекти на Телевизија Сител. Сите се надеваат дека „Од
денес за утре“ ќе поттикне и други ТВ-куќи да придонесат да се врати
телевизиската продукција во Македонија и да се отвори простор
за творештво на нови млади автори.
Филип Петрески од „Идеја плус комуникации“ посочи
дека комерцијалната страна не била приоритетна за да се пристапи кон
проектот, туку квалитетот на производот и неговата добра промоција.
Серијата ќе почне да се снима на 1 мај во студио
во Скопје, а дел и на локации низ Македонија. Премиерно ќе биде
прикажана на 15 септември на програмата на ТВ Сител. Актерската екипа
која се уште не е докомплетирана ја сочинуваат десетина поважни ликови,
а Билјана Беличанец Арсиќ и Сенко Велинов се дел од актерската екипа.
Лауренчиќ како дел од авторската екипа „Од денес
за утре“ во своето богато творештво има реализирано преку 40 играни
филмови и ТВ-серии, меѓу кои и ТВ-серијата од 1.030 епизоди „Говорете
македонски“ и кампањата за зачувување на македонската кирилица „Додека
пишувам кирилица постојам“.
Познатиот драмски писател и филмски сценарист од
Белград Перишиќ е познат по култните филмови „Работа на одредено
време“, „Татко на одредено време“, „Не е лесно со мажите“ и други, а за
своите дела наградуван е на многу домашни и странски фестивали.
Димитров, пак, е познат македонски писател,
драматург, сценарист и колумнист. Автор е на осум драми и на една
монодрама, како и на ТВ-серии „Салон Хармони“, „Обични луѓе“ и „Томе од
бензинската пумпа“, а има режирано и две претстави.